Ракометарите на Драчево со триумфот од 27:24 против Преспа Вардар им се вратија на победите во Првата лига.
Тимот од Скопје, кој во минатата сезона играше бараж за влез во елитата, наиде на силен отпор од страна на домашниот тим.
Преспа Вардар речиси до крајот на натпреварот беше во игра за три или еден бод, но на крај остана со празни раце.
Во првиот дел двете екипи водеа голема борба, па така резултатот најчесто беше нерешен. По 30 минути игра, гостинскиот состав замина на пауза со минимално водство од 14:13.
Во вториот дел продолжи неизвесноста, а составот предводен од Настевски победата ја оствари во финишот од дуелот кога од 22:22 замина на 24:22 и до крај ја сочува стекнатата предност.
Најефикасен во победничката екипа беше Филип Дабевски со осум погодоци, два помалку постигна Ѓорѓи Дука.
Кај домашниот табор се истакна Бојан Поповски со осум погодоци, кои не беа доволни за поволен резултат на неговиот тим.