Николиќ броеше до 11, Вардар пресилен за Прилеп

Тимот на Вардар на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа забележа победа со 35:22 во натпревар од 4. коло од Супер лигата.

Околу 500 гледачи во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” видоа убав ракомет и атрактивни потези кои беа поздравени со аплауз.

Домашиот тим поведе само на стартот со голот на Кастратовиќ, потоа „црвено-црниот“ тим постигна четири гола во низа и веќе по пет минути игра имаше предност од 4:1. Некогашниот шампион на Македонија беше концентриран на стартот и вардаровата одбрана не дозволуваше голем напредок во играта на домаќините.

Во првите десетина минути, голманот на Вардар, Томовски, имаше четири интервенции и беше меѓу најзаслужните за предноста од 7:2 во 12-та минута. Серијата на Вардар од 5:0 беше прекината со голот на кружниот напаѓач Квастек, кој во 15-та минута намали на 9:3. Вардар со моќниот старт даде до знаење дека нема да има голема неизвесност, па така прилепчани се обидуваа да бидат поконкурентни, со цел резултатски да се доближат, односно да ја преполоват негативата.

По предноста на Вардар од 11:4, домашниот тим со двата гола на Цветаноски успеа да намали на 11:6 и во 20-та минута пропушти шанса да дојде до помала негатива. Тимот на Мојсов во последните осум минути за првпат направи серија од 3:0, намали на 14:9, но Вардар со погодоците на Николиќ замина на 16:9. Домаќините на моменти покажуваа квалитет, најекспонирани во првиот дел беа Цветаноски и Квастек, но лошиот старт беше причина тимот на Прилеп да има негатива од минус седум на полувреме, 18:11.

По десетина минути игра во вториот дел предноста на вардарци беше 24:16 и при решен меч, тренерот на Прилеп почна шанса да им дава и на најмладите, па така на терен се најдоа Трајкоски и Адамчески. Неискуството ги со направи своето и гостите во 42-та минута дојдоа до двоцифрена предност, 26:16. Последниот дел мина во рутинска контрола на гостинот, кој на крај дојде до 13 гола разлика, 35:22.

Најефикасен во победничката екипа беше Матија Николиќ со 11 погодоци, седум додаде Томислав Јагуриновски. Кај Прилеп најрасположен беше Никола Цветаноски, кој имаше осум реализации.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ГОЛДЕН АРТ1452717
2МУЛТИЕСЕНС1430119
3ВАРДАР НЕГОТИНО1420126