Тимот на Тиквеш ја забележа и четвртата победа во четвртиот натпревар од новата сезона во Супер лигата, откако славеше на гостински терен кај Куманово со 28-16. Кавадарчани рутински ја одработија задачата и впишаа бодови со кои ја продолжуваат трката за првото место во групата со тимот од Автокоманда.
Отворија гостите со 5-3, но домаќините искористија неколку грешки на кавадарчани и прв и последен пат водеа на мечот со 7-5. Тиквеш набрзина направи пресврт со головите на Мајиќ и Симиќ, а домашните не реализираа ниту пенал.
До крајот на полувремето Тиквеш успеа да стигне и до плус три, 13-10, а во вториот само ја зголеми предноста. Кавадарчани во продолжение играа без пивотот Стефановиќ, кој незгодно се повреди при една акција.
Клучниот период на мечот беше од 40 до 48 минута кога избраниците на Никола Матлиески, кои дотогаш водеа со три гола, 17-14, да ја зголемат предноста на 22-14 и да не му остават некаква надеж на домашниот тим.
Згора на се еден од ракометарите на Куманово беше исклучен, а казна од две минути доби и клупата, па домашните немаа многу решенија во нападот и тешко успеваа да го најдат патот до мрежата на Велков.
Постот на Куманово го прекина Тасевски со голот од пенал на десет минути до крајот за 22-15, но немаа неговите соиграчи ниту сили, а немаше ниту време за нешто повеќе на овој натпревар.
Матлиески одлично ја распредели минутажа кај своите избраници, кои сега ги очекуваат две средби во Кавадарци против Охрид и Скопје пред дербито со вицепрвакот од Автокоманда.
За Куманово пак ова беше четврти пораз, трет на домашен терен, па шансата за бодови момците на Љубиша Димковски ќе ја бараат на некој од следните натпревари во елитната конкуренција.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа капитенот Страхиња Симиќ со шест гола и Евегениј Темелкоски кој даде пет, додека во тимот на Куманово по три погодоци запишаа Иван Димитров и Јован Даневски.