Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди термините за второто коло во Европскиот Куп.
Претставник на Македонија во третото по ранг европско клупско натпреварување ќе биде амбициозниот тим на Тиквеш.
Клубот на Кавадарци во второто коло ќе се соочи со Кремс, клуб кој во ланската сезона стигна до полуфинале во австрискиот шампионат.
Тиквеш првиот дуел против австрискиот суперлигаш ќе го одигра на домашен терен и ќе се обиде со поволен резултат да патува на реванш средбата.
Кавадарчани на 15 октомври, со почеток од 19:00 часот во спортска сала „Јасмин“ ќе го пречекаат Кремс.
Реваншот ќе се одигра на 21 октомври во Кремс со почеток од 19:00 часот и победникот од овој двомеч ќе патува во третото коло.