Екипата на Куманово пред извесен период започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која главен фокус на клубот ќе биде задржување на суперлигашкиот статус.
Клубот кој во минатата сезона се врати во најквалитетното натпреварување во Македонија и им овозможи на кумановчани да гледаат суперлигашки ракомет, односно да ги следат најдобрите екипи од македонската елита, ќе го има на располагање речиси истиот состав од ланската сезона.
Иако по завршувањето на сезоната клубот го напушти Вучко Мрвовиќ, ракометар кој беше меѓу главните стрелци во Супер лигата, сепак, екс кадетскиот и младински репрезентативец на Србија направи камбек во Куманово, откако не се договори на соработка со српскиот тим Уб.
Куманово во новата сезона ќе биде посилен со довчерашниот член на Прилеп и репрезентативец на Грузија, средниот бек Уча Гамзардија. Искусниот интернационалец од Грузија во Куманово пристигна со кружниот напаѓач од Јуниор КВ, Дарио Симоноски.
Во клубот останува и интернационалецот од Србија, Зоран Ѓурковиќ, така што Куманово ќе има квалитетен ростер како и во минатата сезона. Ракометарите на Куманово во регуларниот дел од сезоната за ривали ги имаат Охрид, Тиквеш, Аеродром, Скопје, Алкалоид и Еурофарм Пелистер 2.