Еурофарм Пелистер го намачи унгарскиот гигант Веспрем

Еурофарм Пелистер на турнирот „Куп на пријателство“ што се одржува во турскиот град Сакарија ќе се бори за трето место, откако во полуфиналниот дуел со Веспрем доживеа пораз од 35:28.

Пелистерци во дуелот со Веспрем настапија без Урош Борзаш, додека на теренот заигра и најновото засилување во Еурофарм Пелистер, Богдан Радивојевиќ. За потсетување, во Битола останаа Руди Сери и Каспер Кисум.

Македонскиот шампион пружи голем отпор во првиот дел, особено во првите 20 минути, во кои на моменти одржуваше резултатска предност. Веспрем наиде на голем отпор од страна на пелистерци, кои во првиот дел го имааа расположениот Нејц Цехте.

По нерешените 3:3, избраниците на Јовиќ на кратко го презедоа водството и во уште два наврати одржуваа резултатска контрола (4:3 и 5:4). Унгарскиот тим израмни на 5:5 и до крајот на првото полувреме ја имаше контролата, но немаше голема комиција во играта.

Гол за гол се играше до 20-та минута, и по нерешените 10:10, ракометарите на Момир Илиќ го направија првиот чекор кон победата, постигнаа три гола во низа и се одлепија на 13:10. Пелистерци до крајот од полувремето парираа колку што можат и му дадоа до знаење на унгарскиот гигант дека за победа ќе мора максимално да одработи.

Во последните пет минути од првиот дел, предноста на Веспрем се движеше од три до четири гола разлика, додека по 30 минути игра, резултатот гласеше 17:14 во корист за унгарскиот шампион.

Битолчани во вториот дел првиот гол го постигнаа во 35-та минута и за тие пет минути игра, Веспрем постигна четири гола и се одлепи на 21:15. Тимот на Веспрем лесно ги казнуваше грешките на Еурофарм Пелистер, на моменти дозовлуваше македонскиот шампион да се доближи, па така на петнаесетина минути пред крајот беше 25:22 за тимот на Илиќ.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во последните десет минути не можеа да го издржат налетот на поискусниот тим и шанса на теренот имаа речиси сите ракометари од клупата на двата тима.

Најефикасни во составот на Еурофарм Пелистер беа Нејц Цехте со осум и Ненад Костески со пет погодоци, по четири реализации имаа Жарко Пешевски и Цветан Кузманоски, три гола додаде новото засилување Богдан Радивојевиќ, по еден гол запишаа Емилијан Ѓорговски, Павле Петровиќ, Денис Василев и Павле Атанасијевиќ.

Тимот на Еурофарм Пелистер за трето место ќе се бори против српскиот шампион Војводина.

.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.