ОХРИД 2023: Синот и внуците ја продолжуваат ракометната лоза Андоновски

Од 23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ со учество на осум екипи. Покрај домаќинот Охрид, од Македонија ќе играат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје и шампионот Еурофарм Пелистер, додека од странство ќе дојдат турскиот Бешикташ, грчкиот Олимпијакос, српската Металопластика Шабац и словачкиот Татран Прешов.

Второто издание на на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ на охриѓани ќе им понуди богата ракометна програма, со учество на осум екипи, од кои четири се странски. Турнирот во чест на охридската ракометна легенда Крсте Андоновски од година во година би требало да добива на квалитет и да станува примамлив и за екипи од Европа.

На турнирот во чест на Крсте Андоновски ќе настапат и неговите внуци – Крсте и Даниел Андоновски. И двајцата ќе играат за екипата на Охрид. Тие се трета генерација на ракометари во семејството Андоновски. Нивниот дедо Крсто, после продолжи Горан Андоновски кој играше и за сениорската репрезентација на Македонија, а сега двајцата внуци на Крсто Анодоновски продолжуваат понатаму.

,,Љубовта кон ракометот токму тој ми ја всади, уште како од мал ме носеше на тренинзите на екипите кои ги предводеше, исто така ме носеше на натпревари ширум Македонија, во Битола да го гледам Пелистер, потоа Јафа Промет во Ресен, клубови кои во тоа време беа македонски гиганти, уште од најмали нозе ме носеше на индивидуални тренинзи, се запознавав со основите на ракометот. Едноставно, тоа беа моите први чекори и запознавање со ракометот. Потоа кога се направи тим во Охрид, прво беше тимот на Св. Климент Охридски, започнав со тренинзи таму”, изјави Крсте Андоновски.

Искусниот ракометар смета дека со организацијата на турнирот, охридските љубители ќе се присетат на заслугите на неговиот дедо за охридскиот ракомет.

,,Со овој турнир на некој начин му се оддолжува градот за тоа што го има направено за охридскиот и македонскиот ракомет. Честа е голема, бидејќи добро е после толку време да се навратиме и оние генерации кои не знаат или кои заборавиле кој беше тој, да се присетат за неговите заслуги за ракометот во Охрид”, додаде Крсте Андоновски.

Даниел Андоновски се надева дека секое издание на турнирот ќе биде квалитеттно.

,,Многу ми е жал што не можев добро да го запознаам, бидејќи кога почина, јас имав 2-3 години, но преку многубројните приказни што ми ги имаaт кажувано за него, добро сум запознаен со неговиот карактер и неговата харизма. Претходната година кога се одржуваше првото издание на овој турнир бевме надежни како фамилија дека ќе прерасне во традиција, искрено, годинава сме задоволни што има квалитетни екипи, шампиони, вицешампиони, екипи со европски амбиции… се надевам дека турнирот секоја година ќе биде се поквалитетен и квалитетен. Нормално, како домаќини имаме големи амбиции за висок пласман”.

Екс репрезентативецот на Македонија, Горан Андоновски, кој настапи на Европското првенство 1998 и Светското првенство 1999, раскажа повеќе за неговиот татко.

,,Јас уште од кога знам за себе бев со ракометната топка благодарение на мојот татко Крсте Андоновски, кој целиот свој живот го помина на спортските терени. Крсте Андоновски во поранешна Југославија беше селектор на сениорска и младинска репрезентација на Македонија, исто така беше член на стручниот совет во СФРЈ. Тогаш од секоја република и покраина имаше по еден тренер, кој го сочинуваа тој совет и сите тие тренери го избираа селекторот на Југославија, така што беше вклучен во сите структури на ракометот во Југославија. Премногу го сакаше ракометот, имаше добри успеси и како тренер. Беше тренер во Охрид, Пелистер, Тутински комбинат во Прилеп, со овој клуб играше и на европска сцена, беше тренер и на Кичево, ја водеше и женската екипа Лотец од Охрид, имаше голема љубов кон ракометот, цела ракометна литература од Европа што ја собираше, ден денес ја чувам во моите витрини”, вели поранешниот македонски репрезентативец.

Тој е среќен што го остварил сонот на неговиот татко и се надева дека во оваа сезона Охрид ќе избори пласман на европска сцена.

,,Немав никаков притисок во ракометот, премногу се заљубив во ракометната топка, уште од мал одев на подготовки со екипите, не бев некој голем ракометен талент, но сериозно работев, па така стигнав да бидам и репрезентативец на Југославија, најпрво младински, па сениорски со десет настапи, потоа учествував на Европско и Светско првенство со Македонија, кариерата ја завршив во Охрид каде што почнав и тренерска кариера наследувајќи го го мојот татко. Негова желба беше Охрид да биде на врвот во македонскиот ракомет, се трудеше многу, иако тогаш немаше големи услови како сега, но, секогаш Охрид имаш добри успеси во рамките на Македонија. Јас сум среќен што неговиот сон успеав да го остварам, стигнав до врвот на македонскиот ракомет, успеав тоа што беше негова најголема желба, да успеам со Охрид да изборам место во Европа, дури да поминам и едно коло. Се надевам дека како што се вложува и работи,  оваа година Охрид ќе избори пласман и ќе игра во Европа. Секако дека е голема чест што се одржува турнирот и Охрид заслужува да има квалитетен турнир. Сметам дека после се што даде мојот родител, а и ние како фамилија Андоновци овде во градот, заслужуваме еден таков турнир. Оваа година на турнирот има квалитетни екипи и сите сме благодарни што ќе гледаме добар ракомет”, заврши Горан Андоновски.

Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.

.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.