Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација донесе одлука да биде оставено едно празно место во претквалификациите за машкото Европско првенство во 2026 година што ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.
Тоа место би можело да и припадне на некоја од во моментов суспендираните федерација – Русија и Белорусија.
„Претквалификациите за ЕП 2026 имаат систем што дозволува вклучување на Русија или Белорусија доколку има услови за тоа (последен рок е декември 2023 година). Процедурата вели – ако ситуацијата дозволи, Русија и Белорусија би играле една против друга (бараж двомеч) и би го добиле последното 32 место во квалификациите за ЕП 2026 година. Споредено со другите спортови, ракометот има подолг квалификациски циклус и важно е да не се ‘затвора врата’ предвреме“, се вели во извештајот на Извршниот Комитет на ЕХФ.
Во претквалификациите кои се играат во јануари 2024 година има три двојки (Koсово – Велика Британија, Летонија – Луксембург и Белгија – Кипар), а во квалификациите директно место обезбедија најдобрите осум селекции од претходните квалификации за ЕП 2024 што не обезбедија место на континенталниот собир – Естонија, Турција, Италија, Словачка, Финска, Украина, Израел и Литванија.
Останатите 20 квалификанти ќе бидат учесниците на ЕП 2024 без шампионот и трите домаќини на ЕП (Данска, Шведска и Норвешка).
За потсетување, Русија и Белорусија последен пат настапија на ЕП 2022 година во машка конкуренција, додека кај дамите Русинките беа дел од СП 2021. Оттогаш мажите пропуштија еден голем настап СП 2023, а ќе ги пропуштат и следните два – ЕП 2024 и СП 2025, додека дамите го пропуштија ЕП 2022, а нема да настапат ниту на СП 2023 и ЕП 2024.