Полскиот првак Келце следниот понеделник ќе ги започне подготовките за новата сезона, но Талант Душебаев уште на стартот ќе има големи проблеми.
Левиот бек Хасан Кадах, нема да се приклучи на подготовките најмалку еден месец, бидејќи се рехабилитира од операцијата направена во мај.
Голманот Сандро Мештриќ, кој требаше да му биде партнер на Андреас Вулф, го чека долга пауза од терените, поради проблемите со грбот и најверојатно ќе оди на операција, пишува „Emkielce“.
Поради повредата на Мештриќ, Келце го врати од позајмица младиот Милош Валах од Гдањск, но Талант Душебаев ќе го задржи и Никодем Блажејевски, кој дојде во јануари годинава.
Јасно е дека Вулф ќе го има главниот збор, а двајцата млади полски чувари на мрежата ќе бидат само поддршка во одредени моменти.
Од Келце заминаа Матеуш Корнецски, Мигел Санчез Мигаљон и Дамијан Домагала. Се уште не е јасен статусот на Павел Пачковски, Ноа Зубац, Елиот Стенмалм, Дорук Пеливан…но следниот понеделник ќе се знае на кои ракометари ќе смета Душебаев во новата сезона.