Женската младинска репрезентација на Македонија загуби од Исланд со 35-29 во разигрувањето за пласман од 13 до 16 место и ќе игра за избегнување на последното место на Европското првенство во Романија.
Исланд отвори со водство од 6-2, но следуваше серија од шест гола предводена од Бојана Коцева и Македонија поведе со 8-6. Како и досега, така и на овој меч следуваше период полн со грешки во нашата селекција.
Тоа го користеа противничките полека ја преземаа контролата и ги казнуваа сите наши грешки со брзи погодоци за 20-14 во финишот. Сепак Јанкуловска со гол од слободен удар ја намали негативата на паузата, 20-15.
Во вториот дел предност на Исланд најчесто се движеше од пет до седум гола, но по 27-22, ривалот со уште една серија се одлепи на 31-22 и веќе немаше ниту време, ниту сили за резултатски камбек.
Пивотот Трпеска имаше одлична партија и постигна шест гола од шест обиди, додека Јанкуловска и Стефаноска стрелаа по пет пати. Последен противник на Македонија ќе биде поразениот од дуелот Србија-Хрватска во борба за 15 место на ЕП.