Селекторот на женската кадетска репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го скрати списокот пред настапот на Европското првенство во Црна Гора.
Од поширокиот список отпаднаа Тамара Ѓорѓиева, Ива Миновска, Галена Димчевска, Ангела Кузманоска, Рона Мифтари и Елена Балоска, кои и понатаму ќе останат во комбинација за репрезентацијата.
На списокот останаа 29 ракометарки, од кои 27 се појавија на првиот тренинг во Автокоманда.
Подготовките на кадетките започнаа денес, а на нив подоцна ќе се приклучат кружниот напаѓач Анастасија Трпеска и десниот бек Ива Младеновска, кои моментално со младинската репрезентација на Македонија настапуваат на Европското првенство во Романија.
Македонија на кадетскиот континентален собир ќе игра во група Д заедно со Романија, Унгарија и Франција.
Европското кадетско првенство ќе се одржи во Подгорица, натпреварите ќе се играат во „Морача“ и „Верде“ од 3 до 13 август.