Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, го објави скратениот список за подготвителниот период во Маврово, како и за настапот на Мундијалот во Хрватска од 2 до 13 август.
На скратениот список од 24 ракометари се наоѓаат тројца интернационалци. Тоа се голманот Давид Брестовац од германскиот Котбус, левиот бек Борјан Дамјаноски од австрискиот Грац, како и средниот бек Мирче Калајџиески, кој има одлични настапи за словенечкиот Слован.
Меѓу повиканите ракометари има неколку кои имаат суперлигашко искуство како Ненад Белистојаноски и Самоил Ристевски од Еурофарм Пелистер 2, Иван Галевски од Алкалоид, Дамјан Субашевски од Бутел Скопје… така што селекторот Стојановиќ ќе има конкурентен тим.
Македонија на Мундијалот во Хрватска за ривали во групната фаза ги има Норвешка, Црна Гора и Грузија.
Доколку нашата репрезентација обезбеди пласман во следната фаза, тогаш ќе вкрсти со групата на Данска, Австрија, Чиле и Мексико.