Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, го објави поширокиот список на ракометари пред стартот на подготовките за настапот на Мундијалот во Хрватска од 2 до 13 август.
Стојановиќ и неговиот стручен штаб со Бранко Ангеловски и Наум Танески, на списокот имаат 35 ракометари, што ќе бидат во конкуренција за скратениот список за стартот на подготовките.
На списокот се наоѓаат и тројца интернационалци – голманот Давид Брестовац од германскиот Котбус, левиот бек Борјан Дамјаноски од австрискиот Грац, како и средниот бек Мирче Калајџиески од словенечкиот Слован.
Македонија е во група со Норвешка, Црна Гора и Грузија, што ни дава за право да се надеваме за пласман во главната рунда, каде вкрстуваме со групата на Данска, Австрија, Чиле и Мексико.
Скратениот список и планот на подготовките пред настапот во Ријека ќе биде објавен во следниот период.