Двата голмани на Вардар Неготино, имаа 21 одбрана, само една помалку од вкупниот број на голови на Драчево
Во Неготино и во следната сезона ќе се игра супелригашни ракомет откако во баражот за опстанок на неутрален терен Вардар Неготино го победи Драчево со 27-22 (14-12). Како 14. екипа од плејофот играа со третопласираниот тим во Прва лига.
Гостите од Скопје во текот на целиот меч „ја бркаа“ разликата, на двапати се вратија сеирозно во игра, а за малку можеа да приредат и драма. Во последните минути намалија на 25-22 и внесоа неизвесност во салата во Прилеп.
Вардар Неготино во текот на целиот меч имаше водство, а највисоките „плус 7“ беа трипати во средината на второто полувреме. Тогаш неготинци водеа со 23-16, 24-17 и 25-18. Но, слично како и во првото полувреме, Драчево се врати во игра и во последните десет минути приреди драма.
Почетокот на натпреварот најавуваше лесен триумф на суперигашот кој во 6 минута водеше со 4-1 приморувајќи го тренерот на скопјани Велимир Настески да барај тајм аут. Неготинци влего „полесно“ во мечот, па затоа и брзо се одлепија резултатски. Имаа водство од 7-2, 8-3 и 11-6 што беше највисоката гол разлика во корист на Вардар Неготино.
Вардар Неготино – Драчево
Петар Ангелов само во првото полувреме имаше 12 одбрани од што еден седмерец, и заедно со неговиот клупски колега Даниел Ацев имаа вкупно 14 одбрани, исто колку што нивните соиграчи постигнаа голови во првите 30 минути. Без нивна помош сигурно на семафорот и резултатот ќе беше поинаков.
Откако во 18 минута Вардар Неготино поведе со 11-6, нивната игра некако „застана“. Драчево играше сопствена игра, и тоа им донесе полека топење на предноста на противникот. Скопјани намалија на 12-10 како најава за интересна завршница, а иако Вардар Неготино зголеми на 14-11 во последната минута прволигашот постигна два гола и на одмор замина со негатива од 12-14.
Во тимот на Вардар Неготино најефикасни стрелци беа Ѓорѓи Орешков со 5 гола, а по 4 постигнаа Ѓорши Ташев и Драган Кузманов.
Кај Драчево, шест гола постигна Ѓорѓи Дука, а Филип Дабевски еден помалку.