После паузата поради финалето од Купот на Македонија, викендов продолжуваат натпреварите од плеј-офот во Супер лигата.
Во 13-тото, претпоследно коло, тимот на Охрид пред домашната публика го дочекува Еурофарм Пелистер.
Левиот бек на охриѓани, Даниел Андоновски, вели дека во дуелот влегуваат растеретени бидејќи нема што да изгубат, а можат многу да добијат.
„Во сабота не очекува тежок меч, играме против екипата која е во најдобра позиција да ја освои лигата. Со евентуална победа тие ќе ја запечатат титулата, а од друга страна доколку ние славиме можеме да го запечатиме нашето место во Европа, така да, од овој натпревар немаме што да изгубиме, можеме само да добиеме. Ние ќе влеземе максимално мотивирани и се надевам дека ако одбраната биде на свое ниво, сите го дадеме максимумот и се бориме до последен здив за секоја топка, може да направиме изненадување“, изјави Андоновски.
Дуелот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во сабота, 20 мај, во спортската сала „Билјанини извори“, со почеток во 20:00 часот.