Вардарки имаат плус два против Ѓорче Петров на полувреме

Во единственото полуфинале кај дамите во Купот на Македонија меѓу екипите на Вардар и Ѓорче Петров, резултатот на полувреме е 15:13 во корист за ,,црвено-црните”.

Вардарки влегоа мотивирани во дуелот со ,,лавиците” и во неколку наврати во првите 15 минути имаa резултатска предност од ,,плус два”. Сепак, ракометарките на Царчев немаа поголема комоција во играта, па така екипата на Ѓорче Петров секогаш доаѓаше до израмнување и не му дозовлуваше на Вардар да се одлепи на повисока позитива во воведните десет минути.

Тимот на Вардар во воведниот дел на трипати имаше позитива од два гола разлика (3:1, 4:2, 5:3). По десет минути игра резултатот беше нерешен, 5:5, a во 15-та минута, исто така на семафорот стоеше нерешен резултат, 6:6. Ѓорчепетровки во желбата да направат пресврт се повеќе правеа грешки.

Ракометарките на Царчев беа максимално фокусирани и за само неколку минути игра, најпрво о ги вратија двата гола разлика, поведоа со 8:6, потоа со расположената Стефаноска стигнаа и до плус четири, 10:6. Овие четири гола позитива на ,,црвено-црните” го примораа тренерот на Ѓорче Петров, Симовски, да повика тајм-аут.

 

Вардар го продолжи фуриозниот налет и во 20-та минута зголеми на највисоките шест гола разлика, 12:6. Ѓорче Петров во завршните десет минути успеа да се консолидира, заигра поангажирано во одбраната и со серија од 5:0 намали на 12:11. Кризата во Вардар беше прекината со голот на Диневска, која во 25-та минута зголеми на 13:11. До крајот на полувреме двете екипи постигнаа уште по два гола, така што резултатот по 30 минути игра беше 15:13.