На три кола до крај на првенствто Тиквеш има два бода предност во однос на Охрид, но охриѓани имаат подобар распоред, барем на хартија. Од сенка шанса чека дури и Бутел. Трите екипи во игра за едно место.
Екипата на Тиквеш теоретски има шанси да ја заврши сезоната на четвртото место на табелата и за првпат да избори место во европските купови. До крајот на првенството остануваат да се одиграат уште три кола, но на клупата ќе седи помошникот тренер Боро Ѓорѓиев бидејќи досегашниот тренер реши да замине за Дубаи, ОАЕ каде треба да ја преземе тамошната репрезентација.
Кавадарчани утре за првпат ќе тренираат неделава, откако тимот доби неколку денови одмор поради ЕХФ репрезентативната недела. Нивниот тренер веќе ги спакува куферите и замина за Дубаи, оставајќи ја екипата да се бори за место што води во европските купови.
Ѓорѓиев ќе го води тимот на следните три натпревари, а потоа управата ќе бара некое посериозно решение за тренер и нема да се плаши дека среде сезона ќе мораат да бараат нов стручен штаб. Во моментов Тиквеш е на четвртото место на табелата со 14 бода, два повеќе од Охрид и четири повеќе од Бутел.
Тиквеш во следното коло гостува кај Еурофарм Пелистер 2, а во последните две кола игра со Вардар и со Еурофарм Пелистер. Тиквеш очекува победа во Битола, кај вториот тим на Еурофарм Пелистер, но затоа е аутсајдер на дуелите со Вардар и со Еурофарм Пелистер.
Најголем конкурент на Тиквеш за место во европските купови е Охрид. Тие имаат барем на хартија подобар распоред до крај на првенството. Дома играат со Пролет и со Еурофарм Пелистер, а во последното коло гостуваат кај Бутел. Охриѓани очекуваат бодови на двете средби со скопските тимови.
Од сенка, теорија за освојување на четвртото место има дури и Бутел. Тие играат со Алкалоид, Пролет и со Охрид, па во зависност од тие резултати можат да дојдат во ситуација да избијат пред Тиквеш и Охрид, иако таа варијанта е потешко остварлива.