Поранешниот младински репрезентативец на Данска, Стевен Јакобсен, од следната сезона ќе биде дел од бундеслигашот Рајн Некар.
22-годишниот ракометар на Колдинг, екипа која се натпреварува во плеј-оф фазата во данскиот шампионат, со своите одлични настапи го привлече вниманието на големите клубови, а прв реагираше германскиот тим.
Младиот кружен напаѓач ги има минато сите младински категории на својата татковина. Данецот со раководството на Рајн Некар се договори на долгорочна соработка до 2026 година. За него преселбата во најсилната лига на светот ќе биде второто интернационално искуство.
Јакобсен во својата кариера настапуваше и за актуелниот шампион на Данска ГОГ, како и за шведскиот суперлигаш Луги. Со својата репрезентација беше дел од Светското кадетско првенство 2019, кое се одржуваше во Македонија. Данска на кадетскиот Мундијал во Македонија стигна до бронзениот медал.
Една година порано, односно на Европското кадетско првенство во Хрватска, Јакобсен и неговите соиграчи исто така се радуваа на бронзениот медал на кадетскиот континентален собир.
Рајн Некар претходно се засили со новиот репрезентативец на Шведска, Густав Давидсон. Швеѓанецот, кој е една година постар од Јакобсен, во редовите на ,,лавовите” ќе остане најмалку до 2025 година.