Поранешниот ракометар на Металург и Работнички, Вања Илиќ ја продолжи соработката со Шарт. Иако сѐ уште не е познато дали клубот ќе обезбеди опстанок во најсилното натпреварување во Франција, сепак, репрезентативецот на Србија и раководството на Шарт се договорија на нова соработка, со важност до 2026 година.
Илиќ својата интернационална кариера ја започна токму во Македонија, најпрво играше за Работнички, потоа се пресели во поранешниот македонски шампион Металург. Со тимот од Автокоманда настапи во Лигата на шампионите, во сезона 2016/17 постигна 25 погодоци во елитното натпреварување, додека во сезона 2017/18 беше стрелец на 29 погодоци.
Левото крило од сезона 2019/20 настапува за Шарт, клуб кој до пред извесен период беше предводен од селекторот на Србија, Тони Херона. 30-годишниот ракометар во последните три сезони е меѓу најдобрите стрелци во францускиот шампионат.
Србинот во својата кариера настапуваше и за матичниот Партизан и за Ла Риоха од Шпанија. Искусниот ракометар со својата репрезентација играше на Европското првенство во 2018, 2020 и 2022 година, како и на Мундијалите во 2019 и 2023 година.
Во Шарт од лето ќе настапува сонародникот и репрезентативен колега на Вања Илиќ, голманот Милан Бомаштар. Моментално дел од тимот ѐ и екс ракометарот на Вардар, левиот бек Илија Абутовиќ. Клубот од овој месец е предводен од Небојша Стојиновиќ.