Ракометарите на Јуниор КВ на гостувањето кај Радовиш освоија важни бодови во битката за опстанок триумфирајќи со 32:22.
Јуниор КВ со новите три бодови за момент избега од опасната зона за испаѓање од македонската елита. Клубот од Кисела Вода сега на свое конто има 14 бодови и се наоѓа на 6. позиција, додека на претпоследното место е Вардар Неготино со 13 и на дното на табелата е Радовиш со само два бодови.
Домаќинот, кој веќе од поодамна е преселен во Првата лига, парираше само во воведниот дел. Гостите од Скопје со одлична игра во двата правци на теренот во првиот дел градеа сигурна предност и веќе на полувреме, кое заврши во нивна корист од 16:9, ја запишаа посакуваната победа.
Во второто полувреме целосно се распадна играта на домаќините, кои поради кратката ротација немаа многу опции во нападот. Јуниор КВ рутински го одработи вториот дел, дојде до двоцифрена предност и не му остави ни најмал простор на домаќинот за напредок во играта.
Најефикасен во победничката екипа беше Филип Петровски со седум погодоци, шест постигна Иван Андревски, додека пет реализации имаше Антонио Николовски. Кружниот напаѓач Томче Трајчевски со пет погодоци беше предводник во поразениот табор.
Во следното коло, тимот на Јуниор КВ за ривал го има Скопје, кој на табелата има 15 бодови. Ракометарите на Радовиш во 11. коло од плеј-аут фазата ќе му гостуваат на Куманово.