Поранешниот ракометар на Вардар и Металург, и актуелен член на европскиот првак Барселона, Лука Циндриќ, не е загрижен за својата иднина, со оглед на тоа дека каталонскиот гигант сака да го раскине договорот со хрватскиот репрезентативец.
Циндриќ со Барселона има договор на уште две сезони, но поради финансиската криза, европскиот првак најави дека предвреме ќе ја заврши соработката со 29-годишниот ракометар.
Хрватот посочи дека не размислува многу за неговата иднина и моментално е фокусиран на настапите во Лигата на шампионите.
,,Можеби клубот има финансиски проблеми, но јас размислувам само за освојување на титулата во Лигата на шампионите. Што ќе се случи подоцна, не знам. Не размислувам за тоа сега. Јас сум полн со самодоверба, и како играч и како човек, па верувам дека лесно ќе најдам нов клуб. Затоа не сум премногу загрижен што ќе се случи подоцна“, изјави Циндирќ за шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Искусниот ракометар редовите на Барселона ги засили во текот на 2019 година. Претходно една сезона го носеше дресот на Келце, додека од сезона 2015/16 до 2017/18 настапуваше за Вардар.
Во тимот на Вардар пристигна од неговиот тогашен главен ривал, тимот на Металург, клуб во кој мина две сезони.