Ракометарите на Струга продолжуваат со победничката серија во плеј-аут фазата во Супер лигата, откако пред домашната публика славеа во дуелот против Прилеп со 21:19 и дојдоа до шести последователен триумф.
Екипата на Струга иако на овој дуел настапи без единственото десно крило Тодор Јанкуловски, имаше одличен старт против гостинот, поведе со 4:1 и до крајот на натпреварот беше во резултатска предност. Ракометарите на Прилеп немаа решение за мотивираните домаќини, кои во првото полувреме го зададоа првиот удар кога од 8:6 заминаа на 11:6. Одличен во првиот дел беше се подобриот кружен напаѓач Петар Маркоски, кој тешко се задржуваше. Прилеп успеа само да намали на 11:7 и со негатива од четири гола замина на пауза.
Домаќините со четири гола во низа стартуваа во продолжението и по пет минути игра ги имаа максималните осум гола разлика, 15:7. Гостите првиот гол во второто полувреме го постигнаа во 36-та минута преку Мирчески и возвратија со иста мера, односно со серија од 4:0 за намалување на негативата на 16:11. Во тимот на Струга дојде до пад на играта, но некако успеваше да одржи дистанца од четири до пет гола разлика.
Прилепчани играа далеку под своите можности, дозволуваа лесни погодоци во својата мрежа и во 50-та минута заостануваа на 18:14. Следуваше период, во кој двете екипи никако не можеа да реализират, па така Прилеп на девет минути пред крајот се доближи на 18:16. Струга со првиот гол на Савевски излезе од „црната дупка“, за момент се одлепи на 19:16, но гостите бргу дојдоа до минус два, 19:17. Во самиот финиш домашната екипа заигра поангажирано и зачекори кон нова победа.
Најефикасни во победничката екипа беа Петар Маркоски со седум и Никола Цветаноски со пет погодоци. Прв стрелец кај Прилеп беше Давор Шокоски, имаше пет реализации.
Во следното, 11. коло, тимот на Струга за ривал го има Голден Арт, додека Прилеп за денешниот пораз ќе бара рехабилитација во дуелот со Јуниор КВ.