Некогашната германска репрезентативка Ања Алтхаус не е повеќе дел од тимот на Скопје, и веќе два натпревари ја нема на клупата на официјални лица. Германката настапуваше две сезони за Вардар до 2017 година, кариерата ја заврши во Ѓер, каде освои европската титула, но се врати да живее во Македонија. Во меѓувреме почна да ги посетува и тренерските модули со цел да добие тренерска лиценца.
Кратко време соработуваше со женската екипа на Спартак, а потоа се пресели во Скопје, каде му беше асистент на Горан Кузманоски во стручниот штаб. Но, разликите во сфаќањето на некои работи донесоа двете страни да „се раздружат“ и секој да продолжи по својот пат..
Додека беше асистент на Кузмановски, таа доби покана да биде дел од официјалните лица на репрезентацијата на ракомет на плажа. Тоа веројатно ќе биде и следниот предизвик и учеството Европското првенство во ракомет на плажа, каде ќе соработува со Златко Мојсоски, кој ќе биде селектор на женската селекција.
Екипата на Скопје направи голем чекор кон опстанокот во Супер лигата со триумфот против Вардар Неготино од 33-28, и на четири кола до крај на првенството тимот има 15 бода, два повеќе од Вардар Неготино кој сега падна едно место подоле на табелата.
Скопјани до крај на сезоната сите мечеви ги гиграат во Скопје, и од нив двапати се гости: кај Јуниор Кисела Вода и Голден Арт, а ќе бидат домаќини на Куманово и на Радовиш.
Од супер лигата директно испаѓаат две екипи, а третата ќе игра бараж со третопласираниот тим од Прва лига.