Екипата на Струга денес во рамки од 10. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата за ривал го има тимот на Прилеп.
Стружани веќе обезбедија опстанок за следната натпреварувачка сезона со петте победи во претходните кола, во кои беа совладани екипите на Вардар Неготино, Радовиш, Скопје, Јуниор КВ и Куманово.
Тренерот Наум Танески, кој ја презеде Струга по лошите резултати на почетокот во борбата за опстанок, посочи дека доколку најдат решение за одбраната на Прилеп, тогаш бодовите ќе останат за неговиот тим.
,,Низата победи треба да ја продолжиме во натпреварот против незгодниот тим на Прилеп. Нашиот ривал игра 5-1 одбрана и доколку ја решиме, не би требало да имаме проблеми, така што бодовите би останеле во Струга. Самата промена на кормилото донесе позитивна енергија во тимот. Имаме краток ростер и ЕХФ неделата ќе ни биде добредојдена. За дуелот против Прилеп нема да може да сметаме на Тодор Јанкуловски. Тој се здоби со повреда на скочен зглоб, а беше единствен играч на позицијата десно крило”, изјави Танески.
Струга моментално се наоѓа на 4. позиција на табелата, има 18 бодови, додека тимот на Прилеп има 20.
Дуелот меѓу Струга и Прилеп ќе се одигра во спортската сала при СОУ „Нико Нестор“, со почеток од 14:30 часот.