Ракометарите на Тиквеш и Пролет одиграа реми, 23-23 во интересен натпревар од 9 коло во суперлигашкиот плеј-оф. Иако кавадарчани во последните две минути влегоа со предност 23-21, сепак дозволија гостите да си заминат со бод. Последниот напад на мечот беше за Тиквеш, но и тој не беше реализиран, па мечот заврши реми.
Дека ова ќе биде неизвесен натпревар се виде уште на стартот. Иако домашниот тим тргна во неколку наврати со предност од еден или два гола, 5-3, 6-4, сепак Пролет секогаш се враќаше во егал.
По 8-7 за кавадарчани и неколку грешки, Пролет направи серија од пет гола и преку Димковски, Палевски и Андоновски стигна до водство 12-8. Домашните успеаја да намалат до полувремето на 13-10.
На стартот на вториот дел Димовски и Симиќ намалија на 13-12, но избраниците на Алексо Лембанов не се откажуваа. Михајлевиќ фати неколку топки и Пролет набрзина одново беше на плус четири, 16-12.
Но и Брауновиќ беше одличен на спротивната страна, па кавадарчани го искористија тоа да направат комплетен пресврт во 47 минута, кога со голот на Кондев беше 17-16 и по подолго време водеа домашните.
Андоновски израмни на 17-17 и се мораше да почне од нула на 12 минути до крајот. Во продолжение се играше гол за гол. Симиќ донесе предност за Тиквеш, 21-20, а гостите пропуштија три прилики за да израмнат.
Казната стигна преку Хамзиќ за 22-20, а Пецаковски го искористи пеналот за 22-21. На спротивната страна Петковски му фати удар од седум метри на Симиќ, но гостите не искористија напад, па Тиквеш поведе со 23-21 преку Димовски.
Петковски одново одбрани напад на домаќините и Пролет израмни на 23-23, а на триесетина секунди до крајот Тиквеш тргна во напад. Домашните не погодија, но немаше време за Пролет и мечот заврши реми.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Никола Стефановиќ со пет и Страхиња Симиќ со четири гола, додека по шест погодоци за гостите постигнаа искусните Александар Василевски и Ласко Андоновски.
Тиквеш сега има 11 бода на четвртото место, но му следува тешко гостување во Охрид, кој чека шанса од позадина со 9 бода, како и Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2, кои имаат по седум бода и меѓусебна пресметка. Пролет е последен со шест бода.