Иако тимот на Македонија Ѓорче Петров водеше во вториот дел со шест разлика на гости кај Металург РА, сепак на крајот може да биде задоволен и со еден освоен бод, откако мечот заврши 30-30.
Во првото полувреме, најчесто се играше гол за гол. По 16-16 во финишот, искусните Ролевски и Димовски погодија за плус два за гостинскиот тим, 18-16.
Во вториот дел избраниците на Оливер Димитриоски стигнаа до шест гола предност, 28-22, но се чини дека прерано почнаа да слават. Низа грешки во нападот на гостите беа казнети од домашниот тим преку Гилев и Петковски и беше 28-26 на десетина минути до крајот.
За момент Македонија ЃП отиде на безбедни плус три, 29-26, но повторно имаше пад во нивната игра и момците на Миле Бочкаровски со четири гола во серија поведоа со 30-29.
Ѓорѓевски израмни на 30-30 кога останаа да се играат уште две и пол минути, двете екипи не реализираа до крајот. Последниот напад беше за домашниот тим, заврши со удар во блокот и на крај си поделија по бод.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Петковски и Наумовски со по седум погодоци, а кај гостинската екипа, 11 пати реализираше Ролевски, додека по пет гола имаа Ѓорѓевски, Ѓиноски и Димовски.