- Некогашниот среден бек на Охрид и Пелистер, Марко Кобетиќ, кој во оваа сезона се пресели во Израел, реши да ја продолжи соработката со Нес Зиона од Израел. Искусниот ракометар од Хрватска во Нес Зиона ќе остане најмалку до 2024 година. Кобетиќ настапуваше за Охрид од 2016 до 2018 година, со кој настапи и во ЕХФ Купот, потоа играше и за битолски Пелистер.
- Бундеслигашот Лемго продолжува со засилувањата за следната натпреварувачка сезона. Десниот бек од Хамбург, Николај Тајлингер ќе биде новото засилување во екипата на Лемго. Дресот на овој клуб ќе го носи и словенечкиот репрезентативец Урх Кастелиц.
- Голманката на Шпанија, Мерцедес Кастељанос, која се повреди на ЕП во ноември и не беше во можност да им помогне на своите репрезентативни колешки за подобар пласман на континенталниот собир, иако има 34 години, сепак, одлучи се уште да биде активна на ракометните терени. Искусната голманка го продолжи договорот со Малага, клуб во кој настапува од сезона 2020/21. Кастељанос во Магала ќе остане до јуни, 2025 година.
- Словенечката репрезентативка и членка на Крим Меркатор, Наташа Љепоја, во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик. Кружниот напаѓач ќе биде новото засилување во некогашниот европски гигант Валчеа. 27-годишната ракометарка од Словенија со романскиот суперлигаш се договори на двегодишна соработка. Валчеа за следната сезона ангажираше уште неколку странски и домашни засилувања, меѓу нив е и репрезентативката на Шведска, Натали Хагман.
- Хрватскиот вицепрвак Подравка за следната сезона ја ангажираше репрезентативката на Австрија, Катарина Панџа. Ракометарката со хрватско потекло во Подравка ќе остане три сезони и ќе има можност своите квалитети да ги покаже на европска сцена, бидејќи сосема е извесно дека клубот од Хрватска ќе настапува во Лига на Европа или во Европскиот Куп. Во Подравка настапува нејзината сестра Ана Панџа. Двете ракометарки се изградија со настапите во некогашниот европски шампион Хипо.