- Поранешниот ракометар на Металург и репрезентативец на Австрија, Јанко Божовиќ го продолжи договорот со тимот на Ал Сулајбихат. Двете страни беа задоволни од соработката од првиот дел од оваа сезона, па така Божовиќ во Кувајт ќе остане најмалку до јуни, 2024 година. Божовиќ во сезона 2015/16 го носеше дресот на поранешниот македонски шампион.
- Освен Божовиќ, договорот со тимот на Ал Сулајбихат го продолжи и репрезентативецот на Естонија, Том Карл. 25-годишниот ракометар покажа добри настапи за амбициозниот тим и одлучи соработката да ја продолжи на уште една година. Карл во Ал Сулајбихат пристигна минатата сезона од тимот на Кобург. Во најголемиот дел од својата кариера играше во пониските натпреварувања во Германија.
- Репрезентативката на Германија и членка на дански Есбјерг, Дина Екерле во следната сезона ќе настапува за Турингер, клуб во кој мина најголем дел од својата кариера. Искусната голманка ќе ја пропушти цела натпреварувачка сезона 2022/23, откако во текот на месец август минатата година објави дека е бремена. Екерле го чуваше голот и на Мец, Битингхјам и Шиофок.
- Десниот бек од Норвешка во редовите на Бергишер, Симен Шенингсен нема да го продолжи договорот со бундеслигашот. Норвежанецот во Бергишер пристигна во текот на 2021 година од Елверум. Во својата кариера го носеше дресот и на Есбјерг, Балинген и Халсум.
- Хрватскиот интернационалец Јосип Заја ќе има нов предизвик. Екс ракометарот на Сесвете, кој во оваа сезона го носи дресот на Фамагуста од Кипар, потпиша едногодишен договор со Логроњо. 22-годишниот ракометар во новата сезона ќе има можност своите квалитети да ги покаже во Асобал лигата, која е една од подобрите лиги во светот.