Овој викенд ќе се одигра последното коло од регуларниот дел од Првата лига и по одиграните дуели ќе бидат познати сите патници во плеј-оф фазата. Веќе се познати девет патници, а десеттиот ќе биде познат во недела околу 17:00 часот, кога ќе заврши клучниот натпревар меѓу Македонија Ѓорче Петров и Шампион.
По пет екипи од двете групи ќе играат во плеј-оф фазата од прволигашката конкуренција. Дел од нив ќе се борат за подобар пласман од претходната сезона, додека дел за обезбедување место во Супер лигата, односно бараж за македонската елита.
Веќе од поодамна од групата А пласман во плеј-оф фазата обезбедија екипите на Мулти Есенс, Македонија ЃП и Младост Богданци. На трите екипи им се придружи Кичево, кој на претходниот дуел со Бисинов, го потврди настапот во плеј-офот.
Токму оваа група ќе го даде последниот патник во плеј-оф фазата. Моментално Овче Поле се наоѓа на 5. позиција со 19 бода, Шампион е шести со 18 бода. Во последното коло Шампион игра со Македонија ЃП, додека Овче Поле е слободен бидејќи ги одигра сите натпревари.
Шампион може и со реми кај Македонија ЃП да оди во плеј-оф, бидејќи е подобар во меѓусебниот двобој со тимот од Свети Николе. Овче Поле на првиот дуел против Шампион триумфираше со пет гола разлика, 25:20. На реванш дуелот, тимот на Шампион се реваншира за поразот и победи со 31:25.
Од групата Б пласман обезбедија екипите на Аеродром, Драчево, Голден Арт 2, Металург РА и Астраион.
Во плеј-аут фазата од оваа група ќе играат Борец, Партизан и Преспа, додека од првата група ќе им се придружат Бисинов, Јехона, Текстилец и Шампион или Овче Поле.