Данскиот првак пред домашните навивачи зададе сериозен удар за амбициите на хрватскиот шампион ППД Загреб и овозможи Висла Плоцк преку Порто да им го презеде последниот осминафинален билет на Хрватите. Гог Гудме во последниот дуел од групата А го совлада ППД Загреб со конечен резултат 33-30 (20-12). Со оваа победа Гог Гудме обезбеди место во осминафиналето од Лигата на шампионите како четвртопласирана екипа од групата, исто како што беше и пред ова коло. ППД Загреб ќе навива за Порто во дуелот со Висла и ќе се надева на ново осминафинале во најсилното ракометно натпреварување.
Данскиот првак уште на самиот почеток создаде два гола предност, разлика која ја одржуваа и низ средина на првиот дел. На истекот на 20. минута Гог направи уште еден чекор кон победата и го зголеми водството на три погодока, а Олсон минута подоцна стрелаше прецизно од место за „плус четири“. Чупиќ од пенал линијата ја погоди пречката на голот на Гог, а на спротивната страна Андерсен по одлична акција атрактивно постигна гол за 16-11 и почеток на крајот за ППД Загреб.
Разиграниот Гог одлучи во финишот на првиот дел да го реши победникот на овој дуел, додаде гас и го промени темпото на игра. Ги натераа „плинарите“ на грешки во нападот, дури и од најискусните. На спротивната страна Гог имаше убиствен напад Симон Питлик го однесе данскиот шампион на „плус шест“, Лике зголеми на седум 18-11, а највисоките осум голови предност ги постави Цехте за 19-11. Разлика со која двете екипи заминаа на полувреме, а резултатот на семафорот испишуваше 20-12 за домаќинот.
Загреб ниту на почетокот на второто полувреме не успеа да го пронајде својот ритам и дозволи Гог да ја премине двоцифрената граница разлика. Големиот капитал кој Гог го имаше од првиот дел, им овозможи мирна завршница на дуелот. Разликата се одржуваше околу девет голови, но во одличен период низ средината на второто полувреме, а благодарение на одличниот словенечки голман Пајнтар, Загреб се приближи до противникот на „минус пет“ во 49 минута. Сиротиќ на осум минути до крај го доведе Загреб на четри гола негатива, 30-26, а пречката го спаси домашниот тим од неизвесна завршница. Иако имаше три шанси да дојде до „минус три“, тоа им успеа дури во четвртиот обид за 30-27, но немаше доволно време за последен јуриш. Загреб немаше сили за комплетен пресврт. Во преостанатите три минути од дуелот двете екипи го очекуваа само конечниот резултат и последниот звук на сирената. Гог ја оствари седмата победа во Лигата на шампионите со конечен резултат 33-30.
Најпрецизен во домашните редови беше Симон Питлик со 5 голови, Толбринг постигна 4, а Олсен, Јоргенсен и Мадесен по 3. Во составот на ППД Загреб Дибиров ја предводеше листата на стрелци со 8 голови, Сиротиќ постигна 4, а Кларица имаше 3 прецизни удари.