Денес прволигашки дуел имаше во Богданци каде се сретнаа екипите на Младост и новиот прволигаш, тимот на Мулти Есенс во рамки од заостанатиот натпревар од 14. коло.
Подобар тим на денешниот дуел беше екипата од Скопје, која триумфираше со резултат 31:27.
Избраниците на Бранислав Ангеловски во најголемиот дел од натпреварот беа во водство и не дозволија да ги загубат првите бодови во дебитанската сезона.
Мулти Есенс добро го отвори натпреварот, поведе со 3:1 и се очекуваше да продолжи во ист ритам во остатокот од дуелот. Сепак, домаќинот не се предаваше и беше повеќе од рамноправен противник. Во дури седум наврати во првиот дел резултатот беше нерешен. Иако дебитантот во Првата лига, кој на овој натпревар беше предводен од Димитар Узунчев, имаше минимална предност од еден до два гола разлика, на полувреме резултатот беше нерешен, 15:15.
Во продолжението за нијанса беше подобар гостинскиот тим. Младост Богданци успеа во неколку наврати да се закани, во 50 минута намали на 24:23, но ракометарите на Мулти Есенс со серија од 3:0 се одлепија на 27:23 и до крајот на натпреварот одржуваа дистанца од три гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа беа Димитар Узунчев со 11 и Давид Димевски со пет погодоци. Кај домаќините се истакнаа Антонио Николоски со пет и Илија Чрчев и Душан Каркалашев со по четири реализации.
Екипата на Мулти Есенс на свое конто има 12 победа на исто толку натпревари и сега дојде до 36 бода во својата група, додека второпласираниот Младост е на 2. позиција со 27 бода, а трет е тимот на Македонија Ѓорче Петров со 21 бод.