Селекторот на машката сениорска репрезентација на Полска, Бартош Јурецки го објави списокот на играчи за двата натпревари против Франција во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.
Јурецки нема да смета на двајца стандардни првотимци, бидејќи од репрезентацијата по настапот на Мундијалот се повлекоа левото крило Пжемислав Крајевски и левиот бек Томаш Гебала.
Меѓу повиканите ракометари се наоѓа левото крило на Вардар, Јан Чувара, како и кружниот напаѓач Патрик Валчак, кој две сезони мина во вардаровиот дрес. Во изборот за двата дуели против светскиот вицешампион се најде голманот на Висла Плоцк, Марсел Јастребски.
19-годишниот голман во претходното коло од Лигата на шампионите против екипата на Магдебург имаше дури 19 интервенции и му даде до знаење на Јурецки дека може да се наметне во репрезентативниот табор како втора опција.
Репрезентацијата на Полска првиот квалификациски натпревар против Франција ќе го одигра на 8 март во Гдањск, додека реванш дуелот е закажан за 11 март во Екс ан Прованс.
Избраниците на Јурецки освен со Франција ќе играат и против репрезентациите на Италија и Летонија. Полска на првите натпревари против двете репрезентации под водство на тогашниот селектор Ромбел оствари убедливи победи.