Францускиот првак ПСЖ ја прослави деветата победа во групата А на Лигата на шампиони, откако на гостувањето кај ППД Загреб славеше со 33-30 (17-14). Иако конечниот резултат не е изненадување, играта која ППД Загреб ја покажа во првиот дел и средината на вториот не навестуваше ваков крај. Домаќините имаа предност во поголемиот дел од првото полувреме, но промашените зицери и неискористени шанси во неколку минути пред крајот на првиот дел комплетно ја променија сликата на овој дуел. Во средината на второто полувреме го изедначија резултатот, но наместо пресврт дозволија ПСЖ да ја врати сигурната предност од два гола која беше доволна за мирен крај.
Без браќата Карабатиќ, Кристопанс, Пранди и Сипжак, ПСЖ контролата над дуелот со Загреб успеа да ја воспостави дури во самиот финиш на првиот дел. Со капитал од три голови ПСЖ го започна вториот дел кој заврши во егал за конечни 30-33.
По воведното одмерување на силите, околу 10та минута ППД Загреб создаде серија од 3-0. Добрата одбрана и расположениот Дибиров ја доведоа домашната екипа на „плус два“, а разликата ја одржуваа до 25 минута. Финишот на првото полувреме го одбележа враќањето на ПСЖ. Неколку промашени обиди и грешки во нападот на домаќините им донесоа неочекувана негатива, која до полувреме изнесуваше „минус три“ или 14-17.
ПСЖ под диригентската палка на Лук Стеинс ја имаше контролата над играта и резултатот на стартот на вториот дел. Па покрај промашените шанси за нападот на ПСЖ, Загреб не успеа да намали од разликата со која заминаа на полувреме.
Притисокот на домаќините во средина на второто полувреме вроди со плод, следуваше серија лесни голови од контранапади, а одличната одбрана на плинарите им донесе шанса за враќање во игра на овој дуел. Со голот на Лајметер во 47 минута ППД Загреб го изедначи резултатот на 24-24.
По тајм аутот на тренерот Раул Гонзалес, ПСЖ ја врати резултатската предност, а како по нотите во финишот на првото полувреме во последните пет минути царуваше голманот Паличка и расположените парижани ја решија дилемата околу победникот. На три минути пред крајот гостите создадоа предност од четири голови, која до крајот на натпреварот изнесуваше 30-33.
Одличното лево крило на ППД Загреб Тимур Дибиров постигна 10 голови на овој дуел. Кларица и Срна имаа по 4 погодоци. Во гостинската екипа Феран Соле беше прецизен 9 пати, Балагер погоди 6 пати, а Стеинс и Мате постигнаа по 4 голови.
ПСЖ останува на првата позиција во групата А по 11 одиграни кола, зад нив е Веспрем со два бода помалку. ППД Загреб останува на шестата позиција со осум бодови.