Многу дискусии во ракометниот свет пред сѐ кај данските играчи и стручњаци предизвика изјавата на селекторот на Иран Веселин Вујовиќ за хрватскиот портал Index.hr, по дуелот меѓу Хрватска и Данска.
Популарниот Вујо данскиот репрезентативец Матијас Гидсел го нарече „мало глувче“, откако Данецот одби да му подаде рака на Домагој Дувњак за време на дуелот меѓу Данска и Хрватска. Сега во целиот случај се вклучени и данските медиуми, кои го критикуваа Вујовиќ за изјавата кон Гидсел.
,,Натпреварот беше феноменален, но се расипа оној Гидсел. Тоа „мало глувче“ ми го уништи натпреварот. Кога Дувњак ти подава рака, еден од најголемите во историјата, а ти, јадник, не сакаш да го прифатиш извинувањето. Засрами се, има еден месец да не ја миеш раката кога Дувњак ти ја подава неговата. Ќе разберев така да направеше кон некои од моите играчи од Иран, но така да се постапи кон ракометна легенда”, изјави Вујовиќ веднаш по дуелот.
Гидсел изјави дека го немал прочитано текстот, но само видел дека Вујовиќ го нарекол „мало глувче“. Данецот одговори и дека не користи таков тон и не сака натаму да коментира. Но, реагираше поранешниот дански репрезентативец Бент Нигард.
,,Никогаш од Вујовиќ не сум слушнал дека се извинил, така да нема што тој да коментира”, изјави Нигард за данската телевизија ,,ТВ2″.
Веднаш потоа следуваа пет прилози од кариерата на Вујовиќ кои беа објавени на телевизијата со коментар дека Гидсел бил навреден од човек кој направил многу полоши работи од него.
Вујовиќ во 2019 година доби отказ како селектор на Словенија, откако за време на тајм-аутот му кажа на играч од својот тим да умре. Потоа дрско го критикувал раководството на ЕХФ 2008 година и доби суспензија како тренер на Шафхаузен поради физички напад над судиите, во 2006 бил под истрага под сомнение дека ја препуштил победата на противникот, а во 2002 доби отказ во Сиудад Реал по масовна тепачка.
,,Кога на играч од својот тим ќе му кажете да умре, тоа е застрашувачки и за тој човек нема и трошка почитувања. На нехо такви работи постјано му се случуваат во кариерата и мислам дека нема право да зборува за почитување. Тажен сум и лут, поради тоа што го кажал, а сметам дека најмногу штета има ракометот”, заврши Нигард.