По вторпат на ова СП, Македонија доби „десетка“, но во својата мрежа, и си го направи патот во главната фаза потежок и зависен од последниот дуел со Аргентина. Ракометарите загубија со 24-34, а оние постарите, поискусни беа ем искрени, ем разочарани, ем директни во микс зоната по мечот. Со денови и седмици се зборува за подмладување, за млади играчи за „нова Македонија“, но се уште постои голема разлика во квалитетот на постарите кои и сега се носители и помладите кои „пополнуваат минутажа“ и алиби за смена на генерација.
Филип Кузмановски како дебитант имаше можност да се кали токму на овој терен во „Таурон Арена“ на ЕП во 2016. Тогаш успешно ја учеше лекцијата, а сега, седум години подоцна веќе е во улога и да пренесува дел од своето искуство на помладите.
„Навистина сум многу мотивиран кога играм. Кога дојдов јас во репрезентацијата тогаш играв со Миркуловски, Мојсовски, Велко Марковски…знаете ли како се тренираше тогаш? Немаше да се шетаат така противниците пред голот. Беше тоа машки дуел во одбрана. Сега се обидувам тоа да им го кажам на младите. Тие мислат дека сега се игра некој друг ракомет. Но, верувајте, треба да ја почувствуваат таа борбеност и пожртвуваност во дуелите. Тука Аце Јоноски им го кажува тоа постојано, но треба побрзо да го разберат, искрено одговори Филип Кузмановски на прашањето на новинарите по мечот.
Тој смета дека оние што сега се млади, всушност и не се така млади. Треба побрзо да учат но и да се борат да го заслужат местото во репрезентацијата.
„Затоа што не се млади, Ѓоргиев има 23, Тука е Младеновиќ, Стојковиќ, тие треба да учат. Не знаат која е одговорноста кога јас бев нов, млади играч во репрезентацијата и сега. Тие немаат никако притисок. Јас имав почит кон постарите, се борев и сакав да го задржам местото. Тие како да се плашат дека ако згрешат нема да бидат во репрезентација, вели Кузмановски.
И играњето во репрезентација треба да се заслужи, и тоа е чест за секој играч. А, има многу играчи што сакаат да бидат со овој дрес.
„ Секој треба да го заслужи местото, има многу играчи во Македонија и во странство што се борат за место. Во репрезентација е чест и задовоство да се игра. Сите треба да се запрашаме и да се видиме во огледало. Млади сме, можеме да им помогнеме, но треба брзо да учат. Не треба да се почуствува таа промена кога играат постарите и кога ќе влезат во игра помладите. Како поискусни ќе помогнеме, но ќе биде касно ако има 6-7 гола разлика. Потоа е тешко да се вратиш во игра, вели Кузмановски.
Новиот систем на игра што стручниот штаб настојува да го имплементира како „нов, модерен и препознатлив“, идентичен со оној што се воспоставува во клубот што го предводи селекторот и од кој доаѓаат најгѝолем дел од новите репрезентативци, според прикажаното на терен не го дава посакуваниот резултат, а се повеќе изгледа и како играчите да се губат во него.
„Не знам колку играчи се дел од клубот на селекторот. Тие таму работат и тоа треба да го препознават и да го покажат. Но, нешто не функционира. Тој не треба да троши време за нив, туку за оние што не тренираат со нив во Алкалоид. Тоа е истиот систем во клубот и репрезентацијата. Но, кога ќе дојдат во репрезентација како да фали нешто. Како да се плашат. Не знам што е работата, ама вака очигледно не оди. Не е работата само континуитет, што ако се пласираме и вака играме и се губиме? Не е убаво ни за нас како играчи, ни за Македонија, ни за публиката што поминува толку пат да не бодри, ни за репрезентацијата, ниту пак за ракометот. Па гледаме, репрезенатации кои условно ги сметавме дека се послаби од нас како Иран, САД и што знам уште кој… одат напред победуваат. А, ние не може да мрднеме, разочарано вели Филип Кузмановски.
Македонската репрезентација утре против Аргентина го игра последниот натпревар од групната фаза. Тоа воедно е и последна шанса за избраниците на Кирил Лазаров да се изборат за победат и за пласман во главната фаза на СП.