Македонската машка ракометна репрезентација вечерва од 20:15 часот го игра вториот натпревар во рамките на „Кроација Куп“ во Пореч.
Противник на момците на Лазаров ќе биде селекцијата на Израел, која ја предводи поранешниот македонски селектор, Драган Ѓукиќ.
Десното крило на Македонија, Ненад Костески е оптимист пред вечерашниот дуел против Израел и генерално задоволен од начинот на кој се одвиваат досегашните подготовки на репрезентацијата.
,,Ова е веќе четврти контролен натпревар за нас на подготовките. Се подготвуваме максимално да победиме вечерва и во победнички ритам да заминеме во Полска. Има добра атмосфера во репрезентацијата. Се подготвуваме веќе долго време за ова првенство и се надевам дека ќе бидеме се подобри и дека ќе покажеме добри игри на Светското првенство”, изјави Костески.
Младиот ракометар имаше пофални зборови за селекцијата на Израел.
,,Израел е една квалитетна репрезентација која никако не смееме да ја потцениме. Се подготвуваме максимално, ги анализираме и ќе излеземе на терен да победиме на овој натпревар, кој како што кажав и претходно ќе ни значи многу за победнички да отпатуваме на Светското првенство”, додаде Костески.
Целите на Македонија на Мундијалот се пласман во следната фаза, односно борба за подобар пласман.
,,Одиме натпревар по натпревар. Секако, сите посакуваме до одиме во вториот круг, па полека со господ напред ќе видиме како ќе се одвиваат работите”. заврши Костески.
„Кроација Куп“ продолжува вечерва со натпреварот меѓу Македонија и Израел, а утре во последниот натпревар силите ќе ги одмерат Хрватска и Израел.