Репрезентацијата на Македонија ја одработува последната фаза од подготовките пред настапот на Светското првенство во Полска и Шведска.
Македонските ракометари загубија од Хрватска во првиот пријателски натпревар на „Кроација Куп“ со 40-34, но и покрај поразот избраниците на Кире Лазаров можат да бидат задоволно од прикажаната игра, бидејќи во речиси целиот натпревар им парираа на ,,коцкестите”.
Младиот ракометар Павле Атанасијевиќ, кој дадената минутажа максимално ја искористи на натпреварите против Црна Гора и Хрватска смета дека формата на репрезентацијата оди во нагорна линија, а за вечерашниот дуел против Израел очекува со неговите соиграчи да се покажат во подобро светло.
,,Мислам дека одиме во нагорна линија, треба да се подобриме уште во одбраната, игравме добри дуели против репрезентацијата на Црна Гора и Хрватска и мислам дека во вчерашниот натпревар се држевме многу добро, но ни недостасуваа некои работи во одбраната, но исто така и во нападот. За вечерашниот натпревар со Израел ние очекуваме уште подобра игра од вчерашната, подобра одбрана, напад и на крај ќе видиме дали ќе биде наше или не. Играта против Хрватска сигурни ни дава голем мотив, бидејќи поголемиот број на играчите од репрезентацијата играат во Лига на шампиони, сите ги гледаме на тв, на дел од нас ни се идоли, така што да играш против нив е голема мотивација за да го дадеш својот максимум и да го извадиш најдоброто од себе”, изјави Атанасијевиќ.
Членот на Еурофарм Пелистер за првпат ќе настапи на Светското првенство. Според Атанасијевиќ, Македонија е на добар пат да ги оствари зацртаните цели.
,,Одиме натпревар по натпревар, секако дека имаме цели, пак ќе кажам ние сме спој на искусна и млада екипа и се уште се воигруваме, мислам дека одиме чекор по чекор кон тоа што сме го зацртале”, додаде Атанасијевиќ.
Еурофарм Пелистер првиот дел од полусезоната го заврши на првото место во својата група и во плеј-оф фазата пренесе максимален број на бодови (3). На дел од натпреварите ,,фармацевтите” потешко од очекуваното издвојуваа победа.
,,На почетокот на сезоната малку беше потешко, но сепак се воигравме за краток период. Потоа следуваше тежок период со повредите, неколку главни играчи се повредија, но се разбудија другите, им стана јасно и мислам дека ќе биде интересно за борбата за трофејот”, заврши Атанасијевиќ.
„Кроација Куп“ продолжува вечерва со натпреварот меѓу Македонија и Израел, а утре во последниот натпревар силите ќе ги одмерат Хрватска и Израел. Дуелот меѓу избраниците на Кире Лазаров и Израел ќе започне со почеток од 20:15 часот.