Македонската машка ракометна репрезентација се наоѓа во Пореч, каде вечерва од 20 часот и 15 минути ќе ги одмери силите со домаќинот Хрватска. Тоа ќе биде трета проверка за избраниците на Кирил Лазаров во подготвителниот период, по триумфот и минималниот пораз од Црна Гора.
Двете репрезентации се сместени во хотелот Дијамант, а времето пред натпреварот го поминуваат во релаксирана атмосфера и дружба.
Таква беше и средбата помеѓу две легенди. Македонската ракометна легенда и актуелен селектор на репрезентацијата Кирил Лазаров, го уловивме во друштво со најдобриот хрватски ракометар Домагој Дувњак.
Многу одиграни натпревари еден против друг на ракометниот терен, а сега во улога на ривали како селектор и ракометар. Кој ќе излезе како победник ќе видиме од 20 часот и 15 минути.
Македонија во делот на финалната фаза од подготовките за Мундијалот настапува на Хеп Кроција Купот, каде покрај дуелот со Хрватска кој е на програмата денес од 20 часот и 15 минути, утревечер во исто време ќе одигра дуел со Израел.