Ракометар од БиХ ќе настапува за САД на СП!

Ракометарот од босанскиот суперлигаш Криваја, Амар Амитовиќ ќе настапува за репрезентацијата на САД на Светското првенство 2023, кое ќе се одржува во Полска и Шведска.

Амитовиќ, кој е еден од најдобрите стрелци во досегашниот тек во шампионатот на БиХ, има постигнато 93 гола, настапува на позиција лев бек и може да одигра до два правци.

Неговите добри настапи беа забележани од страна на американскиот селектор Роберт Хедин. Амитовиќ заедно со американската експедиција ќе патува на подготовките во Норвешка, а потоа и во Шведска каде САД ќе ги одигра трите натпревари од групната фаза на СП.

Младиот ракометар претходно има настапувано за кадетската и јуниорска репрезентација на САД. Со сениорската селекција летово стана шампион на Северна и Централна Америка. Тој пред две години се најде и на списокот на американската селекција за СП во Египет, но тогаш репрезентацијата на САД го откажа учеството поради ковид 19.

САД на Мундијалот ќе игра во група со репрезентациите на Хрватска, Мароко и Египет. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.