2022 година донесе многу трансфери во Македонија, дел од суперлигашите се подновија, дел го сочуваа ростерот, а дел влегоа со комплетно променет состав. Активни на трансфер пазарот беа Алкалоид, Вардар, Еурофарм Пелистер…
Тимот на Алкалоид освен што ангажираше низа засилувања, односно сениорски и младински репрезентативци на Македонија, во клубот како нов тренер беше назначен најдобриот стрелец во историјата на ЛШ и актуелен селектор на сениорите – Кире Лазаров.
Во Вардар, кој што беше исклучен од настапите на европска сцена и кој мораше да направи измени во својот тим, бидејќи дел од договорените засилувања веќе го откажаа ангажманот, како најголемо засилување во редовите на ,,црвено црните” пристигна македонскиот репрезентативец и повратник во екипата, левото крило Дејан Манасков.
Еурофарм Пелистер летово како најголемо засилување го доби репрезентативецот на Словенија, голманот Урбан Лесјак, кој се покажа во одлична форма на голот во Битола. Тој беше најзвучното ново име иако во тимот дојдоа и Денис Василев, Жарко Пешевски, Усама Хосни…
Повремениот репрезентативец на Македонија, Димитар Димитриоски оваа сезона го направи првиот интернационален предизвик, откако се пресели во екипата на Ваљадолид, која е предводена од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо. Двајцата соработуваа во клубот од Скопје во сезона 2019/20.
Еден од трансферите, кои што треба да се истакне е доаѓањето на Леонардо Дутра Фереира во Вардар. Бразилскиот репрезентативец во актуелниот шампион на Македонија пристигна од екипата на Ла Риоха.