По двата порази од Магдебург во Лигата на шампионите и од Монпелје во францускиот шампионат, ракометарите на ПСЖ славеа на гостувањето кај Нант во драматичен натпревар со 33-32. Херој на мечот е голманот Андреас Паличка, кој му одбрани пенал на Валеро Ривера во последната секунда од мечот.
Нант отвори подобро, поведе со 5-2 на стартот на мечот и одржуваше предност, но во финишот на полувремето, ПСЖ кој ги немаше во ростерот Стеинс и Шипжак, направи пресврт и за првпат поведе со голот на Балагер, 13-12. На пауза избраниците на Раул заминаа со водство, 17-16.
На стартот на вториот дел Нант си ги врати плус два од првото полувреме, но немаше многу сили, па ПСЖ предводен од Соле се врати во игра и во последните пет минути влезе со предност од плус два, 32-30. Нант не се предаваше и на стартот на последната минута Македа израмни на 32-32.
Пранди реализираше за водство на ПСЖ, кога останаа уште петнаесетина секунди, а Тото изнуди пенал, кој го промаши Ривера, односно Паличка го одбрани, па големото славје по двата неуспеси во серија на ПСЖ можеше да почне.
Најдобри стрелци во победничкиот тим на мечот што се играше во „ХХЛ Арена“ во Нант беа Соле и Кристопанс со по шест гола, а Паличка имаше 13 одбрани, додека кај Нант се истакнаа Брие со десет и Ривера со осум гола. Сега ПСЖ има 26 бода исто колку Монпелје на врвот, додека Нант е трет со 24 бода.