Македонска сениорска репрезентација го имаше првиот собир пред стартот на подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.
Левото крило Дејан Манасков откако ги пропушти СП 2021 и ЕП 2022 се враќа на големите натпреварувања.
„Мило ми е што сум повторно тука. Пропуштив две натпреварувањa, но сега со нетрпение го очекувам ова првенство. Имаме нова генерација, нов спој на ракометари, младост и искуство. Ние сме дел од тие поискусните, тука сме да им помогнеме на помладите и да бидеме лидери на оваа репрезентација и ја прифаќаме улогата. Во спортот секогаш има изненадувања, ако не веруваме, не треба ни да одиме. Противниците се кваливетни, кои покажаа дека се сериозни на минатите големи натпреварувања. Имаме доволно време да се подготвиме, да подготвиме тактика за секој поединечно, само сите да бидеме здрави и сите на број, ќе бидеме силна репрезентација. Малку сме, и ако еден ни недостасува губи цела репрезентација“, вели Манасков.
Македонија ќе игра против Норвешка, Холандија и Аргентина на СП, а левото крило вели дека за секој ривал ќе се прави посебна тактика.
„Немаме играно против Аргентина и Холандија, тие играат добар ракомет. Холандија изгледа моќно на физички план, многу трчаат, но ќе видиме. Ќе се подготвиме за секој посебно, а наше е да го исполниме тоа што ќе ни биде наложено од стручниот штаб“, заврши Манасков.
Македонија ќе одигра четири контроли пред СП – две против Црна Гора, и по една со Хрватска и Израел пред патувањето за Краков.