Македонија и Црна Гора ќе играат на 27 и 28 декември, ривалот без главните ѕвезди!

Машката сениорска репрезентација на Македонија на 20 декември ќе ги започне подготовките за настапот на Светското првенство во Полска и Шведска. Избраниците на Кире Лазаров ќе одиграат две пријателски средби на 27 и 28 декември против селекцијата на Црна Гора, но за разлика од нашата селекција која би требало да биде комплетна, ривалот ќе биде без главните ѕвезди.

Црногорците ќе ги започнат подготовките на 24 декември во некомплетен состав, а поради клупски обврски на тимот на 1 јануари ќе му се придружат Небојша Симиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ, Радојица Чепиќ, Васко Шеваљевиќ, Марко Ласица, Немања Грбовиќ, Божо Анѓелиќ и Василије Калуѓеровиќ.

Во составот на Црна Гора кој ќе допатува во Македонија има 18 ракометари, меѓу кои двајца кои во моментов настапуваат во нашата Суперлига – голманот Јагош Брауновиќ од Тиквеш и десното крило на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.

Има уште шестмина кои во минатото биле дел од македонските клубови. Тоа се голманот Никола Матовиќ (Струга), пивотите Вук Лазовиќ (Вардар) и Лука Вујовиќ (Работнички, Металург), како и бековите Ристо Вујачиќ (Вардар Јуниор, Пелистер), Стеван Вујовиќ (Вардар, Металург) и Божидар Симиќ (Вардар Јуниор, Радовиш).

Избраниците на селекторот Зоран Рогановиќ ќе имаат и две проверки против Катар во Доха на 3 и 5 јануари, од каде што патуваат за Краков каде на 12 јануари играат против Шпанија на стартот на СП.

Македонија, по ревијалниот натпревар против ветераните, заминува за Пореч, каде по двете контроли со Хрватска и Израел, ќе замине за Краков.