Машката сениорска репрезентација на Македонија на 20 декември ќе ги започне подготовките за настапот на Светското првенство во Полска и Шведска. Селекторот Кире Лазаров ќе објави скратен список, од кој потоа ќе ги одбере патниците за Краков.
Дел од подготовките ќе минат во Маврово, каде што ќе бидат одиграни две пријателски средби против селекцијата на Црна Гора.
По паузата за Нова Година, следува ревијалниот натпревар меѓу поранешните и актуелните репрезентативци на 3 јануари, а утредента националниот тим треба да замине за Хрватска, каде што ќе игра на „Кроација Куп“.
Таму избраниците на Кире Лазаров ќе одиграат уште две контролни средби против Хрватска и Израел, кој е предводен од нашиот поранешен селектор Драган Ѓукиќ.
Македонија настапот на СП го започнува на 13 јануари со двобој со Норвешка, додека на 15 и 17 јануари следуваат битки со Холандија и Аргентина.