Валтер: Не сакам да барам изговор, но бевме премногу уморни

Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на гостувањето кај шпанска Бидасоа Ирун со 32-20. Иако битолчани тргнаа солидно на стартот, одлично се држеа во првите петнаесетина минути, потоа следуваше голем пад во играта, што домашните го искористија уште во првиот дел да направат голема позитива, која само ја задржаа и зголемија во второто полувреме за висок триумф.

Тренерот Ларс Валтер вели дека уморот и повредите се дел од причините за поразот во Шпанија.

„Бевме премногу уморни, а ракометарите на Бидасоа одиграа моќно. На минатите натпревари се соочивме со многу повреди и тоа ни донесе многу проблеми. Ова не треба да биде изговор, но овој натпревар ни дојде премногу. Моите играчи го направија тоа што го можеа на терен. Сега ни останува добро да се одмориме и да бидеме целосно подготвени за следниот натпревар“, вели Валтер.

Голманот Марко Кизиќ, кој бранеше во второто полувреме, вели дека и покрај проблемите, мора да се учи од грешките.

„Имавме проблеми, но и покрај тоа моравме да играме подобро. Најдобрата опција за нас е да научиме од грешките и да се фокусираме на следниот натпревар кој што ни доаѓа за една недела“, изјави Кизиќ.

Следен предизвик за битолчани ќе биде реванш средбата против Бидасоа Ирун што ќе се одигра следниот вторник во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.

Меч за заборав, Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од Шпанија