Во Зеница (БиХ) се одржа состанок меѓу претставникот на босанскиот суперлигаш Челик, Пане Шкрбиќ и претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, кои потпишаа договор за долгорочна спортска, пријателска и сеопфатна соработка помеѓу двете екипи.
Соработката ќе продолжи преку професионална, тренерска, организациска, техничка и играчка соработка меѓу босанскиот и македонскиот клуб.
Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски истакна дека македонскиот шампион ќе му помогне на Челик, со цел да направи исчекор и да заигра на европска сцена.
,,Со задоволство го потпишав договорот за соработка со претседателот на Челик, Пане Шкрбиќ, кој многу го ценам. Вардар како еден од најдобрите десет европски ракометни клубови, кој двапати беше шампион на Европа, ќе ги стави на располагање своите ресурси и секоја друга помош и поддршка, на пример во калење на младите играчи на Челик во Вардар, со позајмување играчи од Вардар во Челик, за Челик да стане европски и светски клуб. Имате одлична сала и секако Челик заслужува многу повеќе, ја заслужува Европа поради своите 72 години постоење. Челик мора да направи нов исчекор во зајакнувањето, растењето и развојот, а Вардар со задоволство ќе му помогне во тоа”, изјави Михајловски.
Претседателот на Челик, Пане Шкрбиќ истакна дека првата официјална соработка меѓу двата клуба ќе биде во новата година.
,,Многу сум среќен што го потпишав договорот со пријателите од Вардар, кој е македонски, но и европски ракометен бренд. Михајловски е еден од основачите на СЕХА лигата на чие чело беше десет години. Михајловски е мој долгогодишен пријател, има огромно позитивно искуство во водење на ракометен клуб и чест ни е да соработуваме со него и со Вардар. Првите конкретни форми на соработка треба да се реализираат веќе следната година, преку учество на турнири во Скопје и Зеница, изјави Шкрбиќ.