Откако поранешниот шампион на Франција, Флери Луар прогласи банкрот и не успеа да собере 150.000 евра, со цел да има целосна финансиска гаранција за претстојната сезона, која е неопходна и која беше задолжителна за секој клуб, уште еден поранешен француски гигант замина во историјата.
Бург де Пеж, матичниот клуб на екс голманката на Вардар, Амандин Лејно, поради финансиски проблеми уште од минатата сезона и неуспехот целосно да се консолидира, откако раководството на клубот во неколку наврати успеваше да избегне банкрот, не успеа да ја победи финансиската криза и поради тоа мораше да стави клуч на вратата.
Претседателот на Бург де Пеж, Жан Памара преку клупска страна им се заблагодари на сите ракометарки, кои во остатокот од натпреварувачката сезона ќе мора да најдат нов клуб.
Во Бург де Пеж настапуваше и несудената вардарка Клонден Менди, бразилското легендарно десно крило Александра До Насименто, екс репрезентативката на Шпанија, Марта Манге…
Екипата на Бург де Пеж загуби седум пати во седум натпревари во оваа сезона во најквалитетното француско натпреварување, што беше и дополнителна причина за зголемување на кризата.