Бод злато вреден: Охрид е последниот патник во плеј-офот!

Екипите на Охрид и Струга во езерското дерби од претпоследното коло од Суперлигата одиграа возбудлив натпревар во спортската сала ,,Билјанини извори”, а крајниот епилог од средбата беше 22:22. Охрид со освоениот бод го завери пласманот во плеј-оф фазата, додека Струга во плеј-аут фазата ќе пренесе максимален број на бодови (3).

Избраниците на Ферукоски влегоа мотивирани во дерби дуелот, беа по организирани во нападите, играа цврсто во одбраната и по пет минути игра дојдоа до три гола разлика, 5:2. Струга откако повторно ја врати предноста на ,,плус три” 6:3 пропушти шанса за да дојде до највисоките четири гола разлика, па така Шешиќ со својот втор гол намали на 6:4 во 10 минута.

Следуваше период во кој домаќините за момент заиграа поангажирано, но без многу идеја во нападите. По водството на гостинскиот состав од 7:4, Охрид со погодоците на Шешиќ и Цејовиќ дојде до минус гол негатива, 7:6. Струга преку бековите Лазаревиќ и Бугариновиќ, како и расположениот Костоски успеваше да одржи чекор пред ривалот и во последните десет минути од првото полувреме влезе со предност од 11:9.

Откако во неколку напади Охрид не успеа да дојде до гол, гостинот преку Цветаноски повторно зголеми на ,,плус три” 12:9. Грешките во нападот и непрецизните удари во домашниот табор беа главна причина што гостите одржуваа дистанца од два до три гола во текот на првите 30 минути. На моменти, голманот на Струга, Тунтенкоски блескаше меѓу стативите и не дозволуваше лесно да биде совладан. Струга во два наврати пропушти да има четири гола позитива и на полувреме резултатот гласеше 14:11 за гостинската екипа.

Охриѓани во продолжението со двата гола на Цејовиќ намалија на 14:13. Иако Струга го имаше расположениот Рикановиќ на голот, сепак, 12 минути не можеше да го пронајде патот до мрежата на домаќинот. Капитенот на Охрид, Крсте Андоноски во 40 минута конечно го израмни резултатот на 14:14. Тимот на Ферукоски првиот гол во второто полувреме го постигна дури во 42 минута за 15:14, а минута подоцна Бугариновиќ и Блажески зголемија на 17:14.

Струга повторно влезе во криза и се почесто грешеше во нападот. Охрид го искористи заморот во гостинскиот табор и со серија од 3:0 го израмни резултатот на 17:17 во 50 минута. Во последните десет минути се играше гол за гол, тимот на Охрид го презеде водството, но не успеа да го сочува до крајот. Откако беше 22:22 на речиси 30 секунди пред финишот, гостинот имаше напад за победа, но одбраната на Охрид не дозволи да биде постигнат гол.

Кај домаќините се истакнаа Крсте Андоноски и Деан Шешиќ со по пет погодоци. Во екипата на Струга Ненад Костоски беше најефикасен со пет гола, додека по четири имаа Бобан Блажески и Петар Бугариновиќ.

Во последното коло од регуларниот дел, тимот на Струга на свој терен ќе го пречека актуелниот шампион Вардар, додека Охрид ќе гостува кај незгодниот Вардар Неготино.