Тимот на Младост Богданци славеше на незгодното гостување кај Текстилец во Штип со 27-23. Гостите водеа и со десет гола, но на крајот штипјани само го ублажија поразот.
Победникот беше најавен уште на стартот, кога Младост поведе со 10-1. Беше и 13-3, но домашните не се откажуваа и намалија на 13-7. До крајот на полувремето остана предноста од шест гола, 15-9.
Гостите кои во ростерот имаа само десет ракометари ги стигна уморот во финишот, но предноста беше голема. Иако Текстилец успеа да намали на минус три, 26-23, немаше ниту сили ниту време за нешто повеќе на овој дуел.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Роглев со шест, како и Атанасов и Николоски со по четири гола, додека кај Текстилец се истакна Јованов со осум погодоци.
Сега Младост Богданци е втор со 24 бода, прв на табелата е Мулти Есенс со 30, додека трета е Македонија ЃП со 18 бод.