Ракометарките на Скопје славеа на гостувањето кај Шампион во Автокоманда со 25-24 и тоа со погодок постигнат во последната секунда од драматичниот натпревар. Домаќинките во последниот напад имаа шанса за гол, но голманката на Скопје одбрани и останаа уште десетина секунди за напад, кој беше реализиран за прва сезонска победа на избраничките на Валентина Радуловиќ во Женската лига.
Шампион отвори со водство од 3-0, но набрзина следуваше израмнување на 4-4 и до 7-7 се играше гол за гол. Избраничките на Силвана Карбеска имаа и плус четири во првиот дел, но на пауза се замина со 14-11.
Во второто полувреме домаќинките успеваа да ја одржат предност од еден до три гола се до последните две минути кога имаше вистинска драма. Најпрво Митова донесе плус два за Шампион, 24-22 во 58. минута.
Оттогаш домашните имаа три напади и не реализираа ниту еден, а Скопје со три гола по ред стигна до голем триумф и три бода. Филипова, Неделковска и Алексовска беа творците на победата, но секако заслуги одат и за голманката на гостинскиот тим која го одбрани последниот шут на Шампион.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Попова со седум, како и Неделковска и Максимовска со по четири гола, додека кај Шампион кој може да жали што загуби на ваков начин се истакна Ангеловска со шест погодоци.